Лекција 7
Бог ни дава ефикасни алатки во нашата борба да живееме за Него. Ако не ги користиме, нема да успееме.
Животот е комплициран. Христијанството не е вера која те чува скриен за да не бидеш повреден. Наместо тоа, Бог запали оган во нашите срца и ни кажа да го покажуваме тој оган во темнината во која сме родени. Тој ни вели да ги живееме нашите вистински животи поинаку од она што светот го очекува од нас.
Кога сме повторно родени, ни треба постојана исхрана за остатокот од нашите животи. Јадеме повеќепати на ден. Спиеме толку многу часови на ден. Пиеме многу вода на ден. Духовните еквиваленти на храната, водата и сонот се читањето на Библијата, молењето и обожавањето на Бог со други.
Светот е нечист. Од нас се бара да бидеме чисти. Додека живееме, секој ден ќе биде фрлана нечистотија врз нашите срца. Со очите гледаме изопаченост. Со ушите слушаме пцости. Со рацете ја чувствуваме болката од трњето и тупаниците на пријателите. Со јазиците вкусуваме горчлив отров. Со носовите го мирисаме гнилежот на смртта.
Кои алатки ни ги даде Бог за да ја измиеме нечистотијата, да ја потиснеме темнината и да го смениме светот околу нас?
Прво, како што веќе кажавме, Тој го откри Својот план за нашите животи во Библијата. Преку читање на Библијата и помнење на Божјите ветувања во неа, си ги прочистуваме умовите и си ги зајакнуваме срцата.
Второ, Тој го стави Светиот Дух во нас за да можеме да Му се молиме на Бог и да Го чувствуваме како ни одговара. Ова ја продлабочува нашата убеденост и ни дава сила да живееме поинаку и да помогнеме да се промени светот.
Трето, Тој нè создаде за да Го обожаваме. Кога Го обожаваме, Тој ги задоволува нашите желби и почнува да ги исцелува раните кои овој свет ни ги нанел.
Четврто, Тој нè создаде да уживаме и да ги љубиме луѓето, животните и светот што ни го дал во рамките на границите. Треба да им даваме предност на поминувањето време со други луѓе и на уживањето во природата.
Треба да му даваме предност на поминувањето време со други луѓе кои веруваат во Бог и кои Го љубат исто како и ние. Ова нè охрабрува и нè зајакнува. Нè чува да не станеме неурамнотежени. Тоа се нарекува Црква. Црквата не е зграда во која се собираме, или служба која ја посетуваме; Црквата се луѓето кои Го љубат и Бог и нас. Поминувањето време со други луѓе, кои Го љубат Бог (ја читаат Библијата, се молат, Го обожаваат, и си помагаат меѓусебно да живеат како што Тој ни кажува да живееме во Библијата), е многу важно.
Многумина се прашуваат дали средбите со други христијани се важни. Библијата вели дека тоа е целата поента. Исус повторно оживеа за да изгради грижлива заедница – заедница која е прочистена во Него и која е задоволена од Него. Тој го покажа тоа со Своите постапки откако стана од мртвите, кога јадеше со Своите пријатели, се шеташе со нив, и ги посети во нивните приватни соби.
Ако ова не ни е доволно, следнава поучна приказна, раскажана од еден свештеник, може да помогне:
Еден ден, еден човек отишол кај еден свештеник и му рекол: „Оче, брат ми, Павле, се отуѓи од мене и од секој друг христијанин. Треба да отидеш да поразговараш со него и да го убедиш дека треба да се врати!“
Свештеникот отишол во куќата на Павле, тропнал на вратата и бил поканет да влезе.
Кога влегол, го нашол Павле како зјапа во разгорен оган. Си кимнале со главите за поздрав, па свештеникот седнал до Павле и се загледал во огнот. По еден миг, свештеникот ја зел машата, фатил еден бел вжарен јаглен од огнот и го оставил на камениот под, веднаш до огнот. Му кимнал на Павле, се насмевнал и чекал. По неколку минути, јагленот се изладил толку многу што веќе немал жар.
Свештеникот му кимнал на Павле, го зел јагленот и го фрлил назад во огнот. По неколку мигови, јагленот повторно горел. Свештеникот се насмевнал, му кимнал за последен пат на Павле и станал да си оди.
Ние сме јагленот. Без разгорениот оган на другите околу нас, најпосле ќе се изладиме и ќе го изгубиме нашиот оган. Треба да ги читаме нашите Библии, да стекнеме цврста секојдневна навика за молење и обожавање, и да му даваме предност на поминувањето време со други христијани, за да си помагаме меѓусебно да живееме радосно, послушни на Бог.
Ако го правиме ова, Бог ќе нè зајакне, охрабри и благослови. Потоа, ќе ни даде можности да го споделуваме Евангелието со луѓето на кои им е потребно толку многу колку и нам.
ПОТРУДИ СЕ ПОВЕЌЕ
Прочитај ги Галатјаните 5:22-26; Псалми 121:1-8; и 1 Коринтјаните 12:20 – 13:13. Јасно ли ти е како сака Бог да живееме? Моли се Бог да ти даде сила да ја доживееш љубовта за која читаш во овие стихови. На кој начин можеш да почнеш да ја преточуваш ваквата љубов во дела? Запиши го, а потоа, спроведи го!