Лекција 8
Библијата се нарекува Божјо Слово зашто таа е начинот на којшто Бог ни објаснува кој е Тој, кои сме ние, од каде доаѓаме и зошто постоиме. Таа е комплексна. Ако ги отвориме Библиите на некоја страница и почнеме да читаме, веројатно ќе се збуниме. Тоа е затоа што Библијата, всушност, содржи 66 одделни книги напишани од различни автори во период од околу 2000 години.
Книгите на Библијата биле инспирирани од Бог. Згора на тоа, Бог потврдил дека содржините во книгите се вистина, и дека тие се од Него. Многу од книгите биле наменети за мошне карактеристични групи луѓе. Раната Црква ги собрала и ги подредила овие книги во една единствена книга која денес ја нарекуваме Библија. Заедно, тие покажуваат како Бог општел со луѓето низ историјата.
Книгите во Библијата се пишувани во различни жанрови. На пример, книгата Псалми, е книга со песни и молитви. Исполнета е со метафори кои не се секогаш наменети да бидат буквално сфатени. Меѓутоа, Евангелието според Јован е историско дело засновано на животот на Исус.
Посланијата, како оние до Галатјаните и до Ефесјаните, се писма напишани од водачите на раната црква до одредени групи луѓе.
Има и книги со пророштва, како Исаија и Откровението – долго, комплексно пророштво кое првично било напишано за ранохристијанската црква.
Има уште, но веќе сфати за што станува збор.
Библијата, исто така, е поделена и на два Завета. Стариот Завет е составен од книги напишани пред раѓањето на Исус, а Новиот Завет содржи книги напишани по раѓањето на Исус.
Првите пет книги од Библијата (Петокнижје) биле напишани од и за Израилците за да се објаснат почетокот на светот, Божјите ветувања за нив, и како Тој ги создал како народ.
Низ Библијата постојат различни договори меѓу Бог и луѓето. Тие, исто така, се наречени завети. Денес ние живееме под заветот на Исус. Тоа значи дека не сме обврзани да ги следиме обредните закони детално опишани во книгите како Левит и Повторени закони, кои биле утврдени според еден од старите Божји завети со еврејскиот народ. Овие обредни закони функционирале како симболи кои укажувале на Исус, па обредните закони биле заокружени со Неговиот живот и смрт.
Ако ти е збрка во главата, застани и земи воздух. Потоа собери храброст, зашто не мора сега да разбереш сè!
Библијата не е нешто што мора да се прочита, како должност. Таа е нешто што се чита. Наменета е да биде радост – да се чита, да се изучува и да се доживува во текот на целиот живот. Таа е богатство кое ќе ги преобликува твојот ум и срце.
Некои делови од Библијата се полесни за разбирање од други. Ти предлагаме да почнеш со читање на книгата Битие (првата книга од Библијата), и барем едно од четирите Евангелија (Матеј, Марко, Лука или Јован).
Оттука, можеби ќе биде соодветно да продолжиш со Излез, заедно со Дела на апостолите, и Посланијата од Новиот Завет.
Посланијата до Римјаните и до Евреите се две книги кои се тешки за читање, но помагаат да се разбере разликата меѓу новиот завет на Исус и старите завети во Стариот Завет.
Во Библијата се наоѓаат многу фасцинантни раскази. Исто така, во неа има делови со детални родословија и сложени закони за еврејскиот народ. Сепак, можеш да бидеш сигурен дека секое делче од Библијата има добра намена и вреди да се проучи зашто Библијата ни помага да разбереме кои сме ние, кој е Тој, и како да живееме. Таа нè чува од злото. Токму затоа, треба да бидеш претпазлив за сè што постојано те одвлекува од читањето на Библијата. Твојот телефон, видеоигрите итн.
Ако немаш Библија, треба да си набавиш.
Постојат планови за читање на целата Библија за една година, и тие се корисни зашто те тераат да читаш мали делови секој ден.
Ако сакаш да читаш многу, слободно прави го тоа. Но подобро е да се фокусираш на тоа да научиш да уживаш во Божјото Слово. Тоа е непресушен извор на поттик и мудрост, а твојата способност да го живееш христијанскиот живот е директно поврзана со тоа колку доследно ѝ се посветуваш на Библијата со твоето срце и ум.
Побарај од Бог да ти помогне да ја разбереш Библијата. Побарај да ти помогне да ги примениш Неговите заповеди во твојот секојдневен живот. Не занемарувај ги читањето и слушањето на Библијата. Не оставај да ја заборавиш. Можеби мислиш дека не си којзнае каков читач, но Библијата брзо ќе стане твоето најскапоцено нешто, зашто тоа се зборовите на Бог за тебе.
ПОТРУДИ СЕ ПОВЕЌЕ
Набави си Библија, најди план за читање на Библијата за една година и почни да го следиш тој план.