Лекција 9
Молитвата е разговор со Бог.
Исус дал едноставен пример за ова во она што се нарекува „Оче наш“, во Матеј 6:9-13. Оваа молитва е одговор на прашањето на еден од Неговите пријатели како да се моли.
Сепак, има различни видови молитви како што има различни видови разговори со пријателите. Можеме да се молиме за други луѓе. Можеме да се молиме за нас самите. Можеме да бараме заштита, излекување, сила и мудрост. Можеме да Му заблагодариме на Бог за Неговата добрина, милост и простување. Можеме да Му кажеме за она што го сакаме. Можеме да Му заблагодариме за она што ни го дал. Или да му ги кажеме нашите грижи, стравови, сомнежи и недоумици.
Сето ова е во ред!
На Бог Му е важно да се молиш искрено. Тој ги знае нашите мисли. Моли се со сето срце. Пристапувај Му со понизност, благодарност и доверба.
Моли се со кренати раце, или со рацете во скут, или прекрстени. Моли се со отворени или со затворени очи. Додека чекориш, стоиш, седиш, се поклонуваш или лежиш. Моли се наутро, или навечер, попладне, или цел ден.
Не обидувај се да звучиш продлабочено. Бог не е импресиониран од „китнести“ зборови. Тој знае повеќе од тебе. Биди природен. Биди свој и зборувај Му на Бог со почит. Верувај дека Тој сака да ги слушне твоите молитви, и дека навистина сака да биде со тебе.
Моли се сам и моли се со други. Молењето заедно е важно! Тоа нè зближува и Го радува Бог.
Нека не те поколебуваат луѓето кои се послободни да се молат наглас. Во молитвата не сме важни ние. Важно е доближувањето до Бог како што Му ги искажуваме нашите чувства. Ако некој ти се подбива за тоа како се молиш, тоа кажува многу повеќе за него отколку за тебе. Тоа е покажување ароганција, а ароганцијата е зло.
Секој христијанин треба да стекне цврста навика за молитва. Ова значи планирање време за молитва секој ден. Ако не го правиш тоа, молитвата ќе исчезне од твојот живот. Ако не практикуваш правење распоред за молитва, размисли да започнеш со одделување 15 минути од твоето време. Препорачливо е да го испланираш твоето време рано наутро, пред да го почнеш твојот ден. Се покажало дека тоа е пополезно отколку кога ќе го испланираш времето навечер зашто тогаш можеби ќе бидеш изморен, зафатен или расеан. Молитвата го менува текот на твојот ден на добар начин.
Подели го твоето време за молитва на различни делови. Најдобро е да си направиш план за молитва и да си го запишеш за да имаш потсетник кој ќе можеш да го погледнеш ако имаш тешкотии да се сетиш за што да се молиш.
Еве еден предлог за план: прво, исповедај ги грешките што си ги направил, и побарај прошка од Бог. Потоа, помини неколку минути благодарејќи Му за Неговата добрина, простување, нежност и љубов. Одвој неколку минути да Го славиш за Неговата верност и сила. Помоли се за твоето семејство и за твоите пријатели. Молчи некое време, чекајќи Бог да ти проговори. Потоа, помини го преостанатото време во молење Бог да ти даде сила за твојот ден.
Исто така, може да ја користиш Библијата како водич за молитва. На пример, читај ја Библијата, потоа заблагодари Му се на Бог за она што си го прочитал и побарај од Него да ти помогне да го разбереш она што ти е нејасно.
Потребно е време за да се стекнат добри навики. Биди трпелив во процесот. Биди трпелив со себе. Само немој да бидеш мрзлив.
Откако биле ревносни да поминат петнаесет минути во молитва секој ден, многу луѓе увиделе дека сакаат да го продолжат времето за молитва. Тоа е прекрасно! Забележавме дека и понатаму е корисно да се подели тоа време на различни главни точки. На овој начин, избегнуваме да бидеме збркани или фрустрирани.
Молитвата е промислена. Исто како љубовта, таа мора да биде активна за да биде реална.
Ако се посветиш на секојдневна молитва, можеби ќе бидеш изненаден кога ќе увидиш дека молењето цел час не само што не е невозможно, туку е и пријатно! Тоа е затоа што нам ни е потребна молитвата. Ние копнееме по близок однос со Бог повеќе од што било друго. И тој близок однос нè променува.
Бог нè повикува на молитва. Тој копнее да Му зборуваме. Зборувањето со Бог ги задоволува нашите души како што ништо друго не може да ги задоволи. Кога ја занемаруваме молитвата, се занемаруваме себеси и луѓето кои ги сакаме. Ајде да поминуваме време со Бог, дозволувајќи Му да нè зајакнува и охрабрува секојдневно!
Тој сака да ни угодува и да нè радува со Своето присуство. Тој сака да биде со тебе за да можеш да Го запознаеш и да уживаш со Него.
Испланирај време со Бог во твојот ден, или твојот ден ќе Го истисне Него. Ако ја занемаруваш молитвата, ќе бидеш обесхрабрен, осамен и ќе западнеш во зло. Но ако си доследен во ревносното молење, Бог ќе те награди побогато отколку што можеш да замислиш.
Знаеш ли дека Бог се моли за тебе?
ПОТРУДИ СЕ ПОВЕЌЕ
Моли се на следниве начини по пет минути: славење; исповед; читање Псалм; благодарност; обожавање; чекање Тој да ти проговори; сподели ги твоите барања со Бог; моли се за други; моли се со Псалм 23 или со друг Псалм кој е погоден за молитва; размислувај задлабочено кој е Бог; побарај да те зајакне за да бидеш како Него; потоа заврши со уште славење.