Лекција 3
Уште посуштинско за нашата надеж е сознанието дека Исус стана од мртвите и е жив засекогаш. Ако Исус е сè уште мртов, нема да може да го доживееме Неговиот живот. Сепак, Неговиот Дух, кој живее во нас, е еден од најголемите подароци што Тој ги нуди.
Животот со Бог е возможен делумно зашто Неговата смрт нè направи чисти во Неговите очи, но станува реален со тоа што Тој воскресна од мртвите и живее засекогаш на Небото и во нас. На овој начин, нам ни е ветено да живееме засекогаш откако ќе умреме, зашто ќе бидеме лишени од нашиот скршен живот и ќе останеме само со Неговиот вечен живот.
Исус е вистински Бог, и вистински човек. Адам и Ева, првиот маж и првата жена, беа создадени да живеат засекогаш, но нивните лоши одлуки ги убија. Злото е она што нè убива и нас. Злото е причината што сите ние умираме, но Исус живее вечно зашто Тој никогаш не стори ништо лошо. Тоа покажува дека Тој беше Бог, зашто само Бог е совршен.
Иако Исус умре, злото не Го уби. Тој доброволно се откажа од Својот живот, а смртта не можеше да Го задржи зашто Тој никогаш не згреши. Неговата чистота му Го даде правото да си го врати животот.
Значи, тоа го направи.
Исус оживеа, покажувајќи ги Својата моќ, божественост, совршена човечност и способноста да ни даде живот и да нè врати од мртвите. Но, згора на тоа, Тој се врати за да можеме да живееме во блиско пријателство со Него засекогаш.
Ајде да размислиме малку за ова.
Веќе никогаш не мора да бидеме осамени зашто Тој живее во нас. Ние имаме пристап до Него во секој миг од секој ден. Можеме да Му се молиме и да ги чувствуваме Неговите емоции како навираат во нашите срца. Тој ги знае нашите мисли и нè љуби. Тој ни дава сила да живееме чисто. Ние можеме да живееме со Неговата љубов, радост, мир, трпение, љубезност, добрина, верност, нежност и самоконтрола. Тој ни нуди целосно исполнет живот кога ќе го најдеме нашиот живот во Него.
Библијата вели дека причината за нашето постоење е да живееме во близок однос со Исус. Да живееме поблиску до Него отколку до која било личност на планетата. Да Го љубиме повеќе од сè друго или од кој било друг. И со задоволство да Го послушуваме и да Го обожаваме засекогаш.
Бидејќи постоиме за да Го љубиме Исус и да живееме со Него, Библијата ги нарекува христијаните „Христова невеста“. Библијата, исто така, вели дека секој кој Го одрекува, ќе биде осуден. Нашето одредиште е во рацете на Исус. Никој од оние, кои Го мразат Исус, нема да заврши во Неговите раце; наместо тоа, тие ќе бидат одвоени од Него засекогаш.
Ова е ужас кој само неколкумина можат да го замислат. Малкумина сфаќаат дека секој живот или радост што ја имаме доаѓа од Бог. Во животот, имаме пристап до едноставни задоволства зашто Тој ги направи достапни за нас. Кога ќе умреме, сето тоа ќе биде збришано, и ќе останеме или со Исус и со вечна радост, или со ужасот од одвоеноста и агонијaта.
Почнуваме да сфаќаме дека рацете на Исус се најдоброто одредиште во универзумот. Фактот што можеме сега да искусиме мир и живот со Него е најголемото задоволство во животот. Секоја личност, која живеела во вистинска блискост со Исус, ќе ти покаже дека Тој е подобар од сè.
Отпрвин, пуштањето на Исус во нашите души е застрашувачко зашто Тој го разоткрива нашето зло и нè тера да се предадеме. Но, како што се предаваме, Тој носи благо исцелување и ни дава сила да издржиме и да напредуваме.
Ако Го бараш Исус и Му се предаваш, Тој ќе стане твоето најголемо задоволство, и Тој ќе го промени твојот живот и ќе те очисти.
Потоа, откако ќе умреш, ќе паднеш во рајот на Неговите раце.
ПОТРУДИ СЕ ПОВЕЌЕ
Прочитај ги Римјаните 1:1-7; 1 Коринтјаните 15:1-5; и Римјаните 10:9-10. Таму се деталите за воскресението откако се случило тоа. Потоа, прочитај ги Даниил 12:2; Јов 19:23-27; Исаија 26:19-21; Осија 6:1-2; Броеви 21:9 (исто така, прочитај го Јован 3:14-15, за да ти биде појасна оваа референца), Псалм 16:9-10; и Псалм 71:19-24. Таму се деталите за воскресението на Исус и за оние кои умреле верувајќи во Него, запишани долго пред Исус да чекорел по земјата. Запиши што ти значи воскресението на Исус и зошто мислиш дека Неговото станување од мртвите е важно. Ако имаш прашања, зборувај за нив со други христијани.